Фидан: „Турција нема да попушти пред притисокот да ја пушти Шведска во НАТО“

од Vladimir Zorba
431 прегледи

Турција нема да попушти под „притисок“ и ќе се спротивстави на приемот на Шведска во НАТО, доколку тaа стане „товар“ за Северноатлантската алијанса, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи – Хакан Фидан.

„Турција не одобрува вршење притисок. Ние сме принципиелни“, рече Фидан, повикувајќи ја Шведска да ги „исполни своите задачи“ за да може да влезе во НАТО. „Прашањето дали пристапот на Шведска во НАТО е товар или предност во стратешка и безбедносна смисла, повеќе е предмет на дебата“, рече тој, една недела пред самитот на НАТО во Вилнус на 11 и 12 јули.

Во четврток во Брисел треба да се одржи состанок меѓу Шведска и Турција, на кој ќе се соберат министрите за надворешни работи, шефовите на разузнавачките служби и советниците за национална безбедност.

Анкара, која го блокира влезот на Шведска во НАТО од мај 2022 година, ја критикуваше Шведска минатата недела по палењето на Куранот во Стокхолм, што шведската влада „остро го осуди“ и го нарече „исламофобично“. „Таквиот чин ја менува перцепцијата за безбедноста во Шведска“, рече турскиот министер. Слична провокација се случи во јануари кога Куранот беше запален од екстремно десничарски милитант.

Турција е единствената од 31. земја-членка на НАТО ,заедно со Унгарија, која не го ратификуваше приемот на Шведска во НАТО, го обвинува Стокхолм дека е попустлив кон курдските милитанти кои најдоа засолниште во земјата и покрај тоа што неодамна спроведоа неколку реформи по ова прашање.

Слични содржини