Русија не гледа основа за обновување на договорот за извоз на жито преку Црното Море, соопшти во вторникот руското Министерство за надворешни работи, на помалку од две недели пред истекот на договорот што ѝ дозволуваше на Украина да извезува жито од нејзините пристаништа на Црното Море и покрај војната.
Министерството соопшти дека Русија прави се за бродовите опфатени со договорот да можат да го напуштат Црното Море пред да истече на 17 јули. Русија долго време се закануваше дека ќе се повлече од договорот бидејќи не се исполнети ветувањата дека ќе може да извезува сопствено жито и ѓубриво.
Кон средината на мај таа се согласи да го продолжи договорот за два месеци, а оттогаш вели дека не гледа основа за продолжување по овој месец. Во соопштението за медиумите, Министерството тврди дека иницијативата овозможила испорака на украинско жито во „добро нахранети“ земји, но не и помош за оние на кои им е најпотребна во Африка, Азија и Латинска Америка.
Петте најсиромашни земји – Етиопија, Јемен, Авганистан, Судан и Сомалија, добиле само 2,6 отсто од извезеното жито, истакнува руското министерство, додавајќи дека во исто време ситуацијата се влошува кога станува збор за руското жито и ѓубриво.
„Под овие услови, очигледно е дека нема основа за натамошно продолжување на „Црноморската иницијатива“, која истекува на 17 јули“, наведуваат од министерството. Русија вели дека не гледа напредок во голем број нејзини барања, вклучително и повторно поврзување на нејзината државна земјоделска банка со меѓународниот платежен систем SWIFT.
Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, рече дека предлогот на ЕУ да се формира посебна филијала на банката што може да користи SWIFT е „неостварлив“.