Сакам јавно да го повикам господинот Мицкоски заедно со мене, имајќи во предвид дека и тој има потекло од Кичево и градот е мал град и сите се знаеме, да отидеме во канцеларијата на Шкумбин Ахмети и да видиме што работи господинот во последните пет години, рече министерот за економија, Крешник Бектеши за наводите на ВМРО-ДПМНЕ за синот на Али Ахмети и неговата фирма.
Бектеши вели дека Шкумбин Ахмети има приватна компанија што се занимава со архитектура.
-Сите негови проекти се за Швајцарија и тој прави цртежи за потребите на другите комапнии таму, која нема никаква поврзаност со Република Македонија, а посебно со институциите кои бараат такви услуги. Ако е храбар, кога има време, јас ќе ја прилагодам мојата агенда, да одиме во Кичево со медиумите и јавно ќе ги презентираме сите документи што работела фирмата до овој момент, кажа Бектеши на прашање на медиумите.
Во однос на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ кон внукот на Али Ахмети, Бесијан Амети, Бектеши рече дека двајцата потпретседатели на партијата Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски треба да имаат повеќе информации, како бил направено изборот на економски промотори, бидејќи, како што посочи, тие двајцата тогаш биле на високи владини функции.