За време на последната инспекција на нуклеарната централа Запорожје која ја држат Русите, експертите на Агенцијата за нуклеарна супервизија на ОН (МААЕ) не забележаа никакви знаци на поставени мини или експлозиви во централата, но за да бидат целосно сигурни во тоа, им треба подобар пристап до централата, објави во средата МААЕ
Русија и Украина во вторникот меѓусебно се обвинија дека планираат напад на најголемата нуклеарна централа во Европа. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) постојано предупредуваше дека таму може да се случи катастрофа поради воени конфликти во близина.
Двете земји меѓусебно се обвинуваат за гранатирање, што постојано резултираше со прекин на електрични водови важни за ладење на шесте реактори на електраната и за спречување на дефекти.
Експертите на МААЕ „во последните денови и недели прегледаа делови од централата, вклучително и делови од периметарот на големиот базен за ладење, а ја посетија и целата област, но досега не забележаа видливи знаци на поставени мини или експлозив во фабриката“, се вели во соопштението на МААЕ.
„Експертите на МААЕ побараа дополнителен пристап, кој е неопходен за да се потврди отсуството на мини или експлозиви“, се додава во соопштението.
„Поточно, важен е пристапот до покривите на реакторските единици 3 и 4, како и пристапот до делови од салите за турбини и некои делови од системот за ладење во централата.
Украинската армија вчера излезе со соопштение во кое тврди дека на покривот на третиот и четвртиот реактор се поставени „експлозивни направи“ и дека е можен напад „во блиска иднина“.
„Доколку беа детонирани, немаше да ги оштетат реакторите, но ќе се создаде впечаток дека Украинците ја гранатираат електраната“.
МААЕ објави дека знаела за информациите дека мини и други експлозиви биле поставени во и околу објектот.
„Со оглед на воените тензии и зголемувањето на воената активност во регионот каде што се наоѓа оваа голема нуклеарна централа, нашите експерти мора да бидат способни да ги проверат фактите на терен. Независното и објективно известување би придонело за разјаснување на моменталната ситуација на сцената , што е клучно во вакво време кога имаме непотврдени обвинувања“, се вели во соопштението на МААЕ.