„Сè уште не е готово“: Дали се подготвува уште еден бунт во Русија?

од Stefanija Kuzmanovska
750 прегледи

Член на белоруската опозиција во егзил вели дека се подготвува „топло добредојде“ за членовите на групата „Вагнер“.

Френк Виацорка, главен политички советник на прогонетата белоруска опозициска функционерка Свјатлана Тихановскаја, изјави за Newsweek дека сите членови на групата „Вагнер“ кои ќе се населат во Белорусија ќе се најдат меѓу одмаздољубив Кремљ и непријателско локално население, вклучително и влијателни личности во воениот и безбедносниот естаблишмент на земјата.

Пригожин и илјадници негови борци, наводно, планираат да се населат во Белорусија по краткотрајниот бунт против руските воени власти на крајот на јуни. Иако Путин го осуди бунтот како „предавство“ и се закани со одмазда, на Пригожин му беше понуден договор да ја напушти Русија под заштита на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

„Не мислиме дека Пригожин ќе остане долго“, рече Виацорка.

„Во Белорусија не е безбедно“, додаде тој.

„Белорусија е под контрола на Путин и ако Путин нареди да се убие Пригожин… тоа ќе се случи. Белорусија не е безбедно место, а ниту белорускиот народ нема да ја направи безбедно место за Пригожин“, објаснува натаму Виацорка.

Неодамнешните сателитски снимки од Planet Labs открија потенцијални воени бази во кои можат да се сместат вагнеровците во Белорусија, предизвикувајќи загриженост во Европа за многу опасни борбени сили кои би биле лоцирани на само неколку часа возење од границите на ЕУ и НАТО.

„Лукашенко мисли дека ќе може да ги користи Вагнер и Пригожин како свој личен чувар и заштита, но мислам дека Пригожин има други планови“, додаде Виацорка.

„Неговиот апетит е многу поголем од Белорусија. И повторно ќе се обиде да го собори Путин. Не може да се исклучи уште еден државен удар. Сè уште не е готово, барем постои такво чувство во Белорусија“, истакна лидерот на белоруската опозиција.

Слични содржини