Вучиќ: Го замолив Макрон да вложи дополнителни напори за Косово да се вразуми

од Radmila Tasevska
249 прегледи

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со претседателот на Република Франција, Емануел Макрон, и „го замолил да вложи дополнителни напори за Косово да се вразуми“, јави дописникот на МИА од Белград.

– Како и секогаш, отворен и сериозен разговор со претседателот Макрон, кому му ги презентирав последиците од опасниот развој на ситуацијата на Косово и Метохија. Сега веќе нескриеното насилство насочено против Србите на Косово и Метохија сè појасно ја отстранува секоја можност за цивилизиран разговор и пристап кон решавање на отворените прашања, објави Вучиќ на Инстаграм профилот „будуќностсрбијеав“.

Како што додаде, Србија останува посветена на дијалогот и зачувувањето на мирот, „иако српската заедница на Косово и Метохија е единствената етничка група во Европа која е изложена на постојано насилство“.

– Побарав од претседателот Макрон да вложи дополнителни напори за приштинската страна да се вразуми и што поскоро да се врати во рамката на конкретни разговори, како и да престане да ги прави бесмислени сите напори насочени кон деескалација на ситуацијата, посочи српскиот претседател.

Тој додаде и дека му се заблагодарил на Макрон за неговата подготвеност да го сослуша Белград, како и за неговата решеност да вложи дополнителни напори за решавање на исклучително сложената и пред сè опасна ситуација на Косово.

Слични содржини