Отпуштени 27 вработени во „Комунална хигиена“

од Nikola Popovski
574 прегледи

Нови 27 вработени во ЈП „Комунална хигиена во Скопје“ добиле отказни решенија и за тоа дознале синоќа доаѓајќи трета смена на работа, кога го виделе листот на огласната табла со нивните имиња и презимиња. Велат дека се отпуштени поради тоа што учествувале во протестите кои се случија за време на викендот.

Повеќето од нив се со презимето Дарлишта, за кое градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска пред неколку дена обвини дека си вработиле по 40 луѓе од истата фамилија во јавното претпријатие. Отпуштените вработени биле распоредени на работни места како метачи, магационери, возачи и главни на блок.

Директорката на „Комуналец“, Косана Мазнева тврди дека вршела прераспоредувања на третата смена за која се добивало ноќна тарифа на плата и ги отпуштала тие што 15 години била една иста смена, за која добивале поголема плата за 35%, а не доаѓале на работа, при што никој не ги контролирал или евидентирал.

Поради протестите, контејнерите и кантите низ цело Скопје беа полни со смет. Вработените што не дозволуваа собирање на ѓубрето, истакна дека се залагаат за повисоки плати, подобри услови за работа и враќање на вработените во претрпијатието кои биле отпуштени во последните неколку дена.

Според нив, 40 лица добиле отказ, а уште 50 добиле известување за отказ по протестот пред една недела. Уште минатата недела, се пожалија дека раководството ги гледа безбедносните камери и кога ќе се види некој како протестира, го отпуштаат.

Арсовска вчера информира дека фатиле луѓе кои пет години седат во Германија и Швајцарија, а овде земаат плата.

-Вие сите тука денеска на 40 степени сте дојдени да си ја работите вашата работа, а некој во Германија си ужива и чека џепарац да му дојде за тоа што е пријавен во некое јавно претпријатие. Мора да се расчисти со овие. Не се прашувате како се случувало тоа. Не покренувате како јавност како се случувало тоа? Кривичните пријави се поднесени. Тоа што некој е во било каква функција, не го изолира од одговорност. Нема криење позади позиција, одговори жестоко градоначалничката во однос на вработувањата во претпријатието, при што објави документ со 40 вработени од иста фамилија.

 

Според вработените, членовите на Синдикатот се изложени на уцени од директорката за бркање од работа, доколку делуваат за остварување на барањата.

Тие вчера го прекинаа протестот и се вратија на работа, но порачаа дека ќе продолжат да инсистираат на своите барања на друг законски начин.

Слични содржини