Добредојдена поддршката на производителите на пченица, јачмен и ориз, но на предложените мерки им треба доработка за да имаат ефект

од Vladimir Zorba
508 прегледи

Предложените мерки за поддршка на производителите на пченица, јачмен и ориз се добредојдени, но им треба дополнителна доработка бидејќи во спротивно нема да го постигнат посакуваниот ефект.

Со оваа оценка излегоа земјоделците откако вчера Владата преку соопштение таксативно ги наброја сите прифатени мерки за помош на земјоделците на самиот почеток на жетвата.

Како прв проблем земјоделците го посочуваат фактот дека дополнителното субвенционирање се условува со предавање на производството кај регистрирани откупувачи, со складирање во регистрирани објекти, продавање на домашни фарми, или пак со негово искористување во сопствени фарми. 

„Што ако ние пченицата немаме каде да ја предадеме, а новите мерки кажуваат таа да се предаде до 31 август во некој откупен пункт? Ако ние сега ја складираме пченицата дома, нема да имаме време потоа од дома да ја носиме во откупен пункт. Тоа што значи, на кого државата ќе дава пари? Нас пченицата ќе ни биде дома и нема да ја предадеме за да ги оствариме тие три денари помош“, изјави за „Локално“, Петре Стојковски- претседател на Асоцијацијата на земјоделци.

Петре Стојковски

Петре Стојковски

Нивниот предлог е да им се наметне обврска  на мелничарите од вкупната откупена пченица, 50% да биде од домашно , македонско производство, а остатокот да можат да го увезат. На овој начин според Стојковски ќе се заштити домашното производство, а македонските земјоделци ќе успеат економски да „преживеат“. Во моментов нивната ситуација е особено незавидна поради ниската берзанска цена на пченицата.

Ние произведовме и сега  ако немаме каде да ја предадеме, ќе останеме сиромашни земјоделци. Никој не нуди цена, ниту еден мелничар,  а тоа е огромен проблем. Ако даваат 12 денари, а државата три, ќе видиме колку е тоа добро. Сега ни се гарантирани 3 денари, но што доколку никој не ја сака пченицата? “, забележува Стојковски.

Целата ситуација дополнително ја усложнува фактот дека на барање на Владата производителите ги зголемија засеаните површини со житни култути, и тоа во време кога нивната  цена на чинење беше исклучително висока. Оттука, се надеваат на средба со Министерот за земјоделство од која очекуваат разбирање за сериозноста на проблемот.

Потребата од поддршка од државата ја посочува и  Горан Ѓорѓиевски од Агрокомората на Сојузот на стопански комори. Во разговор за „Локално“, тој алармира дека  без државна поддршка можеме да се соочиме со опасност следната година ниту еден од овие земјоделци да не посее некаква култура.

Според него, целата ситуација со откупна цена на пченицата е последица на фактот дека во моментов нејзината цена на берзите е ниска.

Минатата година беа многу повисоки цените на репроматеријалите за сеење, вештачкото ѓубре, семениот материјал, а исклучително скапа беше и нафтата. Земјоделците вложија многу средства во процесот на производство, а сега се соочуваат со ниска пазарна цена на пченицата која не може ни да им ја покрие цената на чинење, а уште помалку да им обезбеди каков било профит“, вели Ѓорѓиевски.

Овој актуелен предизвик, според него е „врв на ледениот брег“ бидејќи е само рефлексија на исклучително лошата состојба во македонското земјоделие. Како аргумент го посочува фактот дека во моментов, нашата држава увезува дури 80% од храната, а доколку нешто наскоро не се промени во земјоделските политики, овој процент лесно може да дојде до 100.

Горан Ѓорѓиевски

Горан Ѓорѓиевски

Причините се како што вели повеќеселојни, но сите се сведуваат на тоа дека нашето земјоделие функционира на „социјалистички“ принцип. Тоа практично значи дека производителите (земјоделците) треба да работат без профит со единствена цел нивниот производ понатаму државата да го продава како социјална категорија.

Оттука, како што вели, неопходни се промени кои во пракса би значеле дека сите алки во текот на процесот треба да остварат профит, односно дека заработка ќе треба да имат земјоделците, и мелничарите и пекарите, а промени треба да има и во делот на доделување на субвениции.

„Субвенициите треба да се доделуваат според количина на принос, а не според метар квадратен површина што некој ја има или ја дава под закуп. Само на тој начин субвенциите ќе стигнат кај оние што реално даваат земјоделски производи“, вели Ѓорѓиевски.

Според него, од есенционално значење е да се пристапи кон земјоделието на ваков начин затоа што во блиска иднина кај нас нема да постои земјоделско производство. За соодветни примери ги посочува државите во  непосредна околина, особено кај  оние кои се членки на ЕУ.

„Сигурен сум дека не сте виделе необработена нива во Грција. За разлика од таму, кај нас се повеќе има напуштени и необработени плодни површини.Тоа е така бидејќи кај нашиот јужен сосед, исто како и на пример во Бугарија и Романија земјоделските култури не се сведуваат на социјална категорија“вели Ѓорѓиевски.

К.В.С.

Слични содржини