Шефот на руската надворешна разузнавачка служба Сергеј Наришкин во средата изјави дека на крајот на јуни имал телефонски разговор со колегата од ЦИА, Вилијам Бернс, за тоа „што да се прави со Украина“, пренесува руската новинска агенција ТАСС.
Минатиот месец „Њујорк Тајмс“ и „Волстрит журнал“ објавија дека Бернс го повикал Наришкин за да го увери Кремљ дека САД немале никаква улога во краткотрајниот бунт на руската платеничка група „Вагнер“ на 23 и 24 јуни.
Бернс и Наришкин се во комуникација од почетокот на руската војна во Украина, во време кога другите директни контакти меѓу двете земји се минимални, а односите се на најниска точка од Кубанската ракетна криза во 1962 година.
ТАСС го цитираше Наришкин дека е можно двајцата да се сретнат.
Нивниот последен таков состанок беше во Турција во ноември минатата година, кога американските официјални лица изјавија дека Бернс ја предупредил Русија за последиците од каква било употреба на нуклеарно оружје и го покренал прашањето за американските затвореници во Русија.
Наришкин, исто така, во средата рече дека Русија не слушнала „ништо изненадувачки“ од самитот на НАТО во Вилнус, пренесе ТАСС.