Земјите од Г7 испратија јасна порака до Русија на самитот на НАТО

од Vladimir Zorba
558 прегледи

Земјите од Г7 во средата ја открија меѓународната рамка за долгорочна безбедност на Украина за да ја зајакне нејзината одбрана од Русија и да ја одврати Москва од идна агресија, соопштија официјални лица.

„Денес започнуваме преговори со Украина за да ја формализираме – преку билатерални безбедносни обврски и договори усогласени со оваа мултилатерална рамка, во согласност со нашите законски и уставни барања – нашата континуирана поддршка за Украина додека таа го брани нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“, се вели во соопштението на Г7.

На Самитот на НАТО во Вилнус беше заклучено дека иднината на Украина е во НАТО, но не беше утврдена временска рамка за членство.

НАТО како организација категорично се воздржува од давање воена помош за Украина, за да избегне влегување во директен конфликт со Русија, и сака да продолжи да им го препушта на земјите-членки и на другите.

Велика Британија, Франција, Германија и Соединетите држави со недели преговараа со Киев за мултилатерален документ за создавање широка меѓународна рамка која ќе опфати повеќе елементи, вклучувајќи напредна воена опрема, како што се борбени авиони, како и обука, размена на разузнавачки информации и сајбер одбраната.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков го нарече потегот на Г7 погрешен и „потенцијално многу опасен“ за Западот.

Тој посочи дека обезбедувањето безбедносни гаранции за Украина ќе ја загрози безбедноста на самата Русија.

„Новиот документ треба да важи се додека Украина не е во НАТО“, рече Зеленски на посебна прес-конференција.

„Денешната декларација ја отвора таа можност со силни билатерални договори“, додаде тој, нагласувајќи дека најдобрата гаранција се уште е во самата алијанса.

За возврат, според изјавата на Г7, Украина ќе вети мерки за подобрување на демократското владеење, вклучително и преку судски и економски реформи и зајакнување на транспарентноста.

Американски официјален претставник рече дека Вашингтон наскоро ќе започне свои преговори со Киев. Претседателот Џо Бајден зборуваше за користење на американската поддршка за Израел како можен модел за Украина.

Американската воена помош за Израел изнесува околу 3,5 милијарди долари годишно, но овој однос подразбира и голема политичка поддршка

Германија веќе соопшти дека првично ќе обезбеди 12 милијарди евра воена помош за Украина до 2032 година, вклучително и 3,2 милијарди евра за 2023 година.

Франција, која во вторникот објави дека за прв пат ќе го снабдува Киев со крстаречки ракети со долг дострел, исто така е во преговори со Украина, но најверојатно ќе има тешка дебата во парламентот за воениот буџет 2025-2030 година.

Слични содржини