Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска соопшти дека кандидатурата на Шведска за членство во НАТО нема да биде ратификувана од турскиот парламент пред октомври.
Тој на прес-конференција на самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, рече дека процесот ќе треба да почека додека пратениците не се вратат од летната пауза.
„Парламентот не заседава во следните два месеца, но наша цел е да го завршиме ова прашање што е можно поскоро“, додаде тој.
Турција во понеделникот ги повлече своите приговори за приклучување на Шведска во алијансата, чекор кон единството што западните лидери сакаат да го покажат додека Русија ја напаѓа Украина.
Финска веќе стана 31-ва членка на алијансата, а Шведска е на прагот да стане 32-ра.