Европска „булдожер дипломатија“ следната недела доаѓа во Македонија

од Nikola Popovski
753 прегледи

Уште тројца европски министри за надворешни работи следната недела ќе ја посетат Република Северна Македонија, изјави шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи во емисијата „24 анализа“ појаснувајќи дека станува збор за првите дипломати на Франција, Германија и Полска.

Вчера во земјава пристигнаа министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, кои беа овластени од високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, да ги пренесат неговите пораки за европската интеграција на Македонија.

Османи повика да се слушнат зборовите на австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг, кој посочи дека измените на Уставот се последната пречка за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ, а пратениците треба да се вклучат во дебатата за промените на основниот закон на земјата без предрасуди.

Денот кога измените на Уставот ќе влезат во Собранието е „ден нула“. Тогаш ќе почнат дебатите за ризиците од влезот на Црногорците и Хрватите во Уставот или како Бугарите ќе ни го загрозат идентитетот ако ги вклучиме… Не менуваме ништо суштински во основниот закон, само додаваме нови заедници и го зајакнуваме мултиетничкиот карактер на државата. Нема ризик да се спомнат три нови заедници во Уставот, посочи Османи.

Според него, треба да се тргне пропагандната завеса и партиските шпекулации околу уставните измени, а ВМРО-ДПМНЕ покажува демагогија со тврдењето дека е проевропска партија, а во исто време вели дека нема да гласа за измените во Уставот.

Ќе се бориме против злоупотребата на малцинските прашања за други цели, но најдобро ќе се бориме ако сме чисти за нашето мултиетничко досие. Во ЕУ немаше реакција за случајот Пендиков, полицијата веднаш го приведе напаѓачот, а јас отидов кај Пендиков во Софија и никогаш нема да дозволам да ме спречи јавната критика. Нема да дозволам ЕУ да има аргументи дека ги дискриминираме заедниците или нивните претставници, додаде Османи.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени како неконзистентен.

Нивниот прв услов беше ДУИ да ја напушти Владата за да ги поддржи измените на Уставот, вториот беше да се оди на предвремени парламентарни избори, третиот беше да се создаде нова преговарачка рамка и четвртото барање беше гаранции од ЕУ да ги исполнат сите нивни барања. Предложивме ДУИ да си замине од Владата штом се изгласаат уставните измени и веднаш да се распишат предвремени избори. Тие побараа гаранции од ЕУ, добивме гаранции од најмоќната држава во ЕУ и германскиот канцелар Олаф Шолц. Тие побараа нова преговарачка рамка, отидоа во Брисел и се вратија без ниту една изјава бидејќи сите им рекоа дека нема подобар договор и преговарачката рамка не може да се смени. Денеска Брисел дојде во Скопје да им каже дека нема подобар договор и дека никој не може да смени ниту една запирка од преговарачката рамка. ЈА изгласаа 27 земји, а за нејзина замена мора да гласаат сите земји, вклучително и Бугарија, посочи Османи.

Според него, доколку преговарачкиот процес биде запрен поради неуспешни уставни измени, ЕУ прво ќе бара да се решат споровите со Бугарија, „што значи целосна билатерализација на процесот“, а пораките на тројцата министри за надворешни работи кои беа вчера во Скопје, „не се заканувачки, туку предупредувачки“.

Слични содржини