Највисокиот кинески дипломат Ванг Ји му порача на шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, дека ЕУ треба да ја разјасни својата визија за односите со Пекинг, пишува денеска бриселскиот портал „Политико“.
Ванг, кој е директор на Канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на кинеската комунистичка партија, се сретна со Борел во петокот на маргините на самитот на Асоцијацијата на нациите на Југоисточна Азија (АСЕАН) во Џакарта, неколку недели откако лидерите на ЕУ се согласија да ја намалат својата зависност од Кина, наведува порталот.
„ЕУ треба да го разјасни позиционирањето на стратешкото партнерство меѓу двете страни и да ги подобри односите Кина-ЕУ за да можат да продолжат напред“, му рекол Ванг на Борел, објави кинеското министерство за надворешни работи, објави „Ројтерс“.