Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и неговиот колега Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура на Србија, денеска лично се погрижија заедничката ознака меѓу Србија и Северна Македонија да функционира без проблеми.
Најпрво Бочварски и Весиќ заедно со премиерите на двете земји Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ го посетија мобилното продажно место „Отворен Балкан“ на наплатната рампа Прешево. Како што пишуваат срските медиуми, министерот Бочварски пристигнал на наплатната рампа во Прешево во електромобил, кој го возел од Белград во друштво на македонскиот премиер, за заедно да се погрижат македонската ознака да работи во Србија.
Потоа, министерот Весиќ со електромобил го „однел“ колегата во Скопје, а на првата наплатна станица во Северна Македонија ја користеле српската ознака и без застанување ја „минале рампата“.
„Ова е начин за брзо поминување на наплатните пунктови во Северна Македонија. Во тоа се уверив со мојот колега и пријател од Скопје и ги повикувам сите возачи да користат ознаки, бидејќи тоа им овозможува побрзо и полесно патување“, изјавил министерот Весиќ.
„Јас и мојот колега Благој проверивме како функционираат српските и македонските тагови во двете земји. Интеграцијата на ознаките значи поудобно патување и помалку чекање за сите возачи. Горди сме на овој проект“, рекол Весиќ.