Трајанов за „Предатор“: Ќе има паушални оценки без сериозни факти и докази се додека некој свиркач од службите не ги открие наводните злоупотреби

од Nikola Popovski
870 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ во последните денови обвини дека Оператовно-техничката агенција (ОТА) набавила шпионски софтвер за следење на интернет комуникација на граѓаните, наречен „Предатор“. Според партијата, за контроверзниот софтвер нема законска рамка и со него може да се следат комуникациите на сите граѓани. „Овој софтвер кој го поседува ОТА е проблематичен и за самиот НАТО. Користењето на истиот е потенцијална закана за нелегално следење на илјадници граѓани и нивната интернет комуникација. Уште еднаш го повикуваме ЈО, да постапи по нашите барања, а дополнително на тоа да постапи и по најновите индиции“, рече пратеникот Бране Петрушевски. Обвинувањата продолжија, иако од ОТА демантираа дека имале нацрт договор со Грчката разузнавачка служба за користење на „Предатор“. „ОТА немала, нема и нема да има пристап до содржината на следената комуникација и незаконско или масовно следење на комуникациите преку ОТА технички не е, ниту ќе биде возможно. ОТА е самостоен и независен државен орган и нејзиното работење нема поврзаност со извршната власт без разлика на нејзиниот состав. Во таа смисла ОТА останува посветена на професионалното работење без било какви влијанија ниту поврзаност со политички интереси и партиски агенди“, децидни се од Агенцијата преку соопштение објавено неодамна.

Како поранешен министер за внатрешни работи и долгогодишен аналитичар на состојбите во безбедносниот сектор и борбата против организираниот криминал и корупцијата, „Локално“ поразговара со Павле Трајанов во однос на обвинувањата и за каков навистина софтвер станува збор. Вели дека „Предатор“ е надвор од државна контрола и сите држави се дистанциираат од него.

Тоа сепак е програм подготвен од поединци и фирми и во суштина се движи на црниот пазар. Не е легален пазар. Немам информации дали НАТО го користи, објаснува лидерот на Демократски сојуз.

Посочува дека е еден од најсовршените системи за прислушување и дека многу тешко се открива.

Може да се користи и за разузнавачки информации и за политика и за бизнис. Не е лесно да се дојде до него, но штом стигнал до Македонија… За такви системи треба објаснување од експерти по тие работи. Важно е дека бил присутен во државата и МВР рече ќе преземе соодветни мерки. Засега нема информации до каде е истрагата, ни рече Трајанов.

Во однос на вмешувањето на премиерот Димитар Ковачевски од страна на најголемата опозициската во оваа ситуација и колку оваа „афера“ е вистинска закана и може да се поврзи со настаните пред 2016-та и откриеното масовно прислушување, соговорникот вели дека ВМРО-ДПМНЕ има контрола во Комисијата за следење на комуникациите.

Какви информации имаат, не можам да оценам, но сепак добро е да се актуелизираат ваквите прашања бидејќи ако излезе надвор од контрола и се злоупотребуваат системите, повторно ќе биде мега-афера со посериозни последници. Не знам на кој начин ВМРО-ДПМНЕ ја следела контролата на државните агенции, но и другите партии кои се собраниската Комисија. ОТА не би требало да има систем самостојно да дејствува и колку што знам дејствува по наредба на судија. Мислам дека работи професионално, смета Трајанов.

Истакнува дека наводната соработка со грчката служба можеби има спорни елементи, но како што вели, од ОТА кажаа дека тоа е усогласено со Собраниската комисија, која врши надзор на системите за прислушување.

Сите прашања се отворени и се додека не се случи некој свиркач од овие служби да открие некои системи дека се злоупотребуваат, ќе бидат вакви паушални оценки и зборување без сериозни факти и докази. Треба да се превенира евентуална најава и идеја. Секаде се злоупотребуваат – Грција, Германија, читаме дека многу држави ги контролираат системите за комуникација во другите држави… Се на се ова е исклучително сложема материја. Мора јавноста и парламентот да бидат присутни и да ги отвораат темите, за да не ни се случи афера од големи размери, заклучува Трајанов.

Н.П.

Слични содржини