Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, синоќа во Вашингтон изјави дека САД ќе ги употребат „сите можни средства“ за да го спречат претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, да ја отцепи РС од Босна и Херцеговина.
Сакаме да ги искористиме сите можни средства за да спречиме такво нешто. Ова значи зајакнување на силите на ЕУФОР, целосна поддршка за високиот претставник (Кристијан Шмит) и работиме со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Европската унија за да ги запреме парите, да не им се даде пари на оние што ѝ штетат на државата, рече Ескобар во сведочењето пред Поткомитетот за Европа на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Според сараевските медиуми, Ескобар им рекол на конгресмените дека треба да сметаат на американската реакција во Босна и Херцеговина, а САД, покрај Додик да санкционираат уште некои други политичари.
Тој додал дека „поединечни функционери во приватни разговори бараат суспензија на санкциите“.
На прашањето зошто ЕУ не воведува санкции за Додик, Ескобар одговорил дека тоа е „добро прашање“, потсетувајќи дека бара консензус од сите 27 земји-членки на ЕУ и посочи дека е неопходно да се изврши притисок врз Унгарија.
Претходно, републиканската конгресменка Ен Вагнер му рече на Ескобар дека е неопходно да се санкционираат оние кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.
Наведувајќи дека САД се гарант на Дејтонскиот договор, таа посочила дека „мирот во Босна е скап, а оние кои се закануваат мора да одговараат“.
Наведувајќи дека повлекувањето на РС од Уставниот суд на БиХ е сериозен показател за ескалацијата на политичката криза и дека Додик најави одржување референдум за статусот на РС, Вагнер го прашала Ескобар како САД имаат намера да спречат ова.