ОТА демантира дека го набавила или користела софтверот „Предатор“

од Nikola Popovski
297 прегледи

За жал и покрај јавните објави и деманти од страна на ОТА, продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од страна на политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите, велат од Оперативно техничката агенција преку соопштение до јавноста.

Повторуваат и со сигурност уверуваат дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер „Предатор“ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Р.Грција, а особено кога, како што истакнуваат, истото е веќе јавно демантирано.

-По спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.

Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно.

Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство, стои во соопштението на ОТА.

Според информациите на најголемата опозициска партија, македонската агенција набавила шпионски софтвер за следење на интернет комуникација на граѓаните, наречен Предатор.

-Овој контроверзен софтвер е набавен пред извесно време, спротивно на законската рамка и со него може да се следат комуникациите на сите граѓани, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот министер за внатрешни работи и долгогодишен аналитичар на состојбите во безбедносниот сектор и борбата против организираниот криминал и корупцијата, Павле Трајанов во разговор за „Локално“ истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има контрола во Комисијата за следење на комуникациите.

Какви информации имаат, не можам да оценам, но сепак добро е да се актуелизираат ваквите прашања бидејќи ако излезе надвор од контрола и се злоупотребуваат системите, повторно ќе биде мега-афера со посериозни последници. Не знам на кој начин ВМРО-ДПМНЕ ја следела контролата на државните агенции, но и другите партии кои се собраниската Комисија. ОТА не би требало да има систем самостојно да дејствува и колку што знам дејствува по наредба на судија. Мислам дека работи професионално, смета Трајанов.

Додава дека сите прашања се отворени и се додека не се случи некој свиркач од овие служби да открие некои системи дека се злоупотребуваат, ќе бидат вакви паушални оценки и зборување без сериозни факти и докази.

Слични содржини