Шефот на ЦИА: Путин е врвниот апостол на одмаздата, би бил изненаден доколку Пригожин избегне последици

од Stefanija Kuzmanovska
267 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да купи време додека да смисли што да прави со Евгениј Пригожин, шефот на платеничката група „Вагнер“, која го предводеше бунтот во Русија пред еден месец, вели директорот на ЦИА.

Тој бунт откри значителни слабости во системот на моќ што го изгради Путин, рече шефот на ЦИА, Вилијам Барнс на Безбедносниот форум во Аспен, додавајќи дека рускиот лидер сепак може да бара одмазда против Пригожин.

„Она што го гледаме е многу комплициран танц“, рече шефот на ЦИА во четвртокот.

Барнс верува дека Путин веројатно се обидува да купи време додека смисли како најдобро да се справи со лидерот на „Вагнер“, пишува Би-Би-Си.

Платеничката група сè уште има вредност за руското раководство во места како Африка, Либија и Сирија, па веројатно е дека Путин ќе се обиде да ја одвои групата од нејзиниот водач. Шефот на ЦИА наведе дека Путин би можел да почека со одмаздата.

„Путин е некој кој генерално мисли дека одмаздата е јадење кое најдобро се служи ладно“, рече Барнс. „Според моето искуство, Путин е врвниот апостол на одмаздата, па би бил изненаден доколку Пригожин избегне понатамошна одмазда“.

Претходно овој месец, американскиот претседател Џо Бајден посочи дека постои ризик шефот на „Вагнер“ да биде отруен.

„Да бев на негово место, ќе внимавав што јадам. Би внимавал на моето мени“, се пошегува претседателот. Директорот на ЦИА го повтори тој став, велејќи: „Да бев на местото на Пригожин, не би го отпуштил мојот дегустатор на храна“.

Високиот руски воен генерал, Сергеј Суровикин, за кој се наведува дека однапред знаел за бунтот на „Вагнер“, исто така моментално е без „слобода на движење“, додаде шефот на ЦИА.

Бунтот беше најдиректниот напад што Путин го видел во неговите 23 години владеење, вклучително и директно оспорување на оправдувањето на Кремљ за војната во Украина, за која Пригожин рече дека е изградена на лаги, рече Барнс.

Слични содржини