Африка: Воен удар во Нигер, на национална телевизија соборен претседателот

од Stefanija Kuzmanovska
357 прегледи

Портпаролот на армијата на Нигер, опкружен со други офицери, во живо на националната телевизија објави дека претседателот Мухамед Базум е соборен од власт. Најавија и дека е суспендиран уставот, како и сите државни институции, како и затворање на границите на земјата во западна Африка.

„Ние, одбранбените и безбедносните сили, одлучивме да ставиме крај на режимот каков што го знаете“, рече генерал-полковник Амаду Абдурахман, опкружен со девет офицери, во телевизиско обраќање.

 

„Ова е последица на постојаното влошување на безбедносната состојба и лошите економски и социјални политики“, додаде тој.

Воената хунта, која себеси се нарекува Национален совет за одбрана на татковината, воведе полициски час во земјата од 22 до 5 часот по локално време.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изрази поддршка за претседателот Базум, кој е заробен во неговата палата.

И генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш го повикал Базум за да го поддржи.

„Ги замолуваме сите надворешни фактори да не се мешаат“, продолжи нигерскиот армиски генерал во телевизиското обраќање.

 

„Границите ќе бидат затворени додека ситуацијата не се стабилизира“, најави тој.

По телевизиското соопштение на армијата на Нигер, Блинкен повика на ослободување на претседателот Базум.

На прес-конференција во Нов Зеланд, американскиот функционер рече дека ова е „напор да се преземе власта со сила и да се погази уставот“.

Базум, претседател избран на изборите во 2021 година, е клучен западен сојузник во борбата против исламските екстремисти во Западна Африка.

Се смета за близок сојузник на Франција, пред сè.

Слични содржини