С. Македонија и Црна Гора ја прошируваат соработката во областа на дигиталната технологија и сајбер безбедноста

од Vladimir Zorba
193 прегледи

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу заедно со министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање во областа на дигитализацијата и сајбер безбедностa.

“Имав задоволство да го пречекам мојот колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, г-дин Мараш Дукај. Со цел конкретизирање на одличните односи меѓу нашите две земји, денеска го потпишуваме Меморандумот за разбирање за унапредување на развојните политики и претприемништвото во областа на дигиталната технологија и сајбер безбедноста. Зајакнувањето на сајбер безбедноста, особено во овој период кога технологијата станува сѐ пософистицирана, претставува секојдневен предизвик, кој секогаш бара внимание, посветеност и соработка. Дигитализацијата, заштитата на нашите системи, размената на информации, размената на знаењата, човечкиот капацитет, кој е еден од најважните вредности за секторот на сајбер безбедност, е во фокусот на овој Меморандум”, рече министерот Алиу.

Министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај, од своја страна исто така изрази особено задоволство од денешното потпишување на Меморандумот:

„Сајбер безбедноста станува сѐ поважна во нашите општества, сите земји од регионот се соочуваат со повеќе закани, затоа е неопходна регионална и меѓународна соработка за ефикасна борба против овие закани и за заштита на општеството, економијата и нашата инфраструктура”, истакна министерот Дукај.

Дополнително, на билатерална средба се говореше и за системот за онлајн плаќање Пејпал (PayPal). Министерот Алиу изјави дека двете земји заеднички ќе аплицираат за да бидат дел од овој систем за онлајн плаќање.

„Друг голем исчекор е тоа што Северна Македонија и Црна Гора заеднички ќе аплицираат за да бидат дел од системот за онлајн плаќање Пејпал (PayPal), на предлог на самата компанија. Северна Македонија и Црна Гора наскоро ќе бидат дел од PayPal”, рече министерот Алиу.

Слични содржини