Пјонгјанг останува солидарен со Москва за голем број прашања, вклучително и специјалната воена операција во Украина, што укажува на заедничката решеност на двете земји да се спротивстават на колективната политика на Западот, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин во честитката до севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и учесниците на свечената средба посветена на 70-годишнината од победата во Корејската војна.
Путин нагласи дека силната поддршка на Северна Кореја за Русија за клучните меѓународни прашања „дополнително ја нагласува решителноста во спротивставувањето на политиката на колективниот Запад“, пренесе Тасс.
Во телеграмата, објавена на веб-страницата на Кремљ, се наведува дека таквата западна политика „го спречува воспоставувањето на вистински мултиполарен, праведен светски поредок, заснован на приоритетот на меѓународното право, неделивата безбедност, почитувањето на суверенитетот и националните интереси на државите“.