Откако минатата недела случајни минувачи во аргентинскиот град Ингениеро Баџ пронајдоа делови од телото на исчезнатиот 41-годишен крипто инфлуенсер и милионер Фернандо Перез Алгаба, полицијата започна истрага за неговото убиство, пишува New York Post.
Инфлуенсерот бил пријавен за исчезнат во вторник, 18 јули. Во неделата, 23 јули, група деца откриле црвен ковчег во близина на поток во Ингениеро Баџ.
Децата за пронајдокот ја известиле полицијата, а кога стигнале на местото каде што е пронајден ковчегот, полицајците откриле дека во него се наоѓаат нозете и подлактиците на инфлуенсерот.
Торзото и главата на Алгаба биле пронајдени оваа недела, објави „Ел Паис“.
Полицијата во Буенос Аирес соопшти дека успеала да ја идентификува жртвата благодарение на тетоважите и отпечатоците од прсти.
Наведено е дека делови од телото се прецизно ампутирани, што покажува дека убиството го извршил „професионалец“. Пред да биде распарчен, Алгаба бил застрелан три пати, покажала обдукцијата.
Тој живеел во Барселона, а во Аргентина дошол седум дена пред да биде убиен. Тој престојувал во изнајмен објект. Требало да ги врати клучевите од имотот во среда на 19 јули. Полицијата уапсила осомничен во врска со неговото убиство.
Трговската компанија за криптовалути на Алгаба, со седиште во Буенос Аирес, Motors Lettuce SRL, била во сериозни долгови, според аргентинската даночна агенција. Според La Nacion, непосредно пред да исчезне тој оставил порака на телефонот за губење на многу пари во различни крипто инвестиции.
Тој алудирал и на добивањето дебел заем од аргентинската банда Бара Бравас и напишал: „Ако нешто ми се случи, сите се предупредени“.
Во интервју за локалните медиуми, неговиот брат Родолфо Перез Алгаба инсистираше на тоа дека тој не е измамник и дека едноставно имал лошо искуство кога станува збор за тргување со криптовалути.
„Три дена сум овде, едвај спијам, си го мачам мозокот како може да се случи ова. Нема да седам мирно, се надевам дека правдата ќе биде задоволена“, изјави братот на убиениот инфлуенсер, пишува New York Post.