Спортските настани треба да бидат места за уживање и ова е главната порака што сакам да ја испратам, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во однос на синоќешните инциденти пред натпреварот меѓу Шкупи и Левски Софија.
Министерот информира дека за време на мечот немало инциденти, а пред почетокот една група навивачи од Бугарија се однесувале насилно кон припадниците на македонската полиција.
Приведени се 21 лице, од кои 19 бугарски навивачи и двајца навивачи на Шкупи, потенцира Спасовски.
Првиот човек на македонската полиција истакна дека сите навивачи од Бугарија кои што пристигнале организирано на ГП „Деве Баир“ биле пречекани и во полициски кордон се донесени до самиот стадион во Скопје.
Веројатно имало неколку возила кои што дошле неорганизирано и при поминување низ Чаир, преку одредена провокација што ја прават, настанал конфликт. Идентификувани се напаѓачите и за скоро време ќе ги имаме детално сите информации, обелодени Спасовски.