Денарот и натаму е стабилен, а девизните резерви се на соодветното ниво. Монетарната политика којашто ја води Народната банка, како и намалувањето на притисоците од увезените цени, придонесоа за забавување на инфлацијата, за која се очекува дека и понатаму ќе се намалува. Нефункционалните кредити во билансите на банките и натаму се на ниско ниво, додека адекватноста на капиталот во банкарскиот сектор е солидна и стабилна. Ова се накусо дел од оцените на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс”, во рамките на извештајот во кој го потврдува кредитниот рејтинг на земјава на ББ- со стабилен изглед.
Во извештајот се наведуваат очекувањата на Агенцијата за понатамошно одржување на стабилноста на девизниот курс, и покрај предизвиците од надворешното окружување. Воедно, истакнат е и растот на девизните резерви, коишто во јуни 2023 година изнесуваат 4,2 милијарди евра. Како фактори на растот се посочени и интервенциите на Народната банка на домашниот девизен пазар, како и користењето надворешни извори за финансирање на потребите на фискалната политика. Според очекувањата на „Стандард и Пурс” девизните резерви и натаму се стабилни и ќе останат на потребното ниво.
По достигнувањето на максимумот кон крајот на минатата година, инфлацијата постепено почна да забавува и во јуни се сведе на 9,3%, се наведува од страна на „Стандард и Пурс”. Се очекува дека овој тренд ќе продолжи, како резултат на намалувањето на увозните инфлациски притисоци и затегнувањето на монетарната политика од страна на Народната банка, што е во согласност и со политиката којашто ја води Европската централна банка.
Во извештајот се увидуваат и тековните состојби во банкарскиот систем, со акцент на неговата сигурност и стабилност, што се согледува преку ниското ниво на нефункционалните кредити од само 2,8%, како и солидната и стабилна стапка на адекватноста на капиталот на банките од 18%. Воедно, се истакнуваат и мерките коишто ги презеде Народната банка заради поттикнување на штедењето во домашна валута и намалување на евроизацијата во финансискиот систем, преку промени на стапките на задолжителна резерва на банките.