Војната повторно го покрена прашањето за легализација на канабисот за медицински цели во Украина

од Stefanija Kuzmanovska
285 прегледи

Руската инвазија на Украина повторно го покрена прашањето за легализација на канабисот за медицински цели во таа земја, каде, според министерството за здравство, 57 отсто од Украинците се изложени на ризик да развијат посттрауматско стресно нарушување поради војната.

„Во војна, болката станува проблем за сите делови од населението“, изјави за „Политико“ активистот и основач на Маршот за слободата на канабисот, Тарас Ратушњи.

Законот за создавање легална домашна индустрија за медицински канабис го помина своето прво читање во украинскиот парламент на 13 јули.

Согласно предложениот закон, би се воспоставил систем за лиценцирање за одгледување канабис и на здравствените установи и претприемачите ќе им се овозможи да купуваат, транспортираат, складираат и издаваат лекови на база на канабис.

Лекарите ќе можат да ги препишат.

Сепак, според законот, канабисот се уште е забранет, што го попречува истражувањето и развојот, а ги збунува правилата околу неговата употреба, пишува „Политико“.

Пратениците сега се обидуваат да го изменат законот пред неговото второ читање наесен.

Во Украина имаше неуспешен обид да се легализира канабисот за медицински цели во 2019 година, но војната промени сè.

„Денес има повеќе од два милиони луѓе во Украина на кои им е очајна потребата од лекови од канабис. Разбираме дека ќе има уште повеќе такви луѓе по завршувањето на војната, на ранетите војници со ПТСН особено им се потребни такви лекови“, изјави претседателот на комисијата за здравствена заштита во украинскиот парламент, Михаило Радутски.

Предлог-законот, поднесен од украинската влада во јуни 2022 година, доби широка поддршка, меѓу другите, од министерството за здравство на Украина, Советот за државна безбедност и одбрана, украинскиот претседател Володимир Зеленски и повеќе од 40 украински онколози.

Слични содржини