Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа во дебатна емисија упати остри критики кон словенечката европратеничка со македонско потекло, Ирена Јовева.
Оваа европратеничкава наместо да игра за интересите на македонскиот народ и државата од која што потекнува, без разлика што живее во Словенија, таа го напаѓа македонскиот народ. Својот род го напаѓа, рече Мицкоски во емисијата „Заспиј ако можеш“.
Мицкоски исто така додаде дека Јовева е „тотално небитна“.
Пораката која што доаѓа оттаму е спротивна на ветерот и не можете сега да го разубедите обичниот граѓанин дека така треба да биде, оценува лидерот на најголемата опозициска партија.
Ваквиот наратив на Мицкоски доаѓа откако вчера Јовева во разговор за „Локално“ искажа загриженост дека сегашниот момент можеби ќе биде киднапиран од опозицијата во земјава, за да го претстави како своја „успешна“ приказна да ги блокира уставните измени и да бара предвремени избори.
На прашањето дали ги има видено аргументите на опозицијата зошто се противат на уставните измени, европратеничката ни рече дека е свесна. Според неа, сегашната македонска влада досега се покажала многу како про-реформска и про-ЕУ.
Вистинските мотиви на опозицијата се исто така под знак прашалник бидејќи можеби нивната заедничка цел не е ЕУ, туку желбата да бидат во влада, па со тоа, не сум сигурна дали интересите што тие ги бранат се навистина најдобри интереси на народот или себе и нивната политичка моќ, рече меѓу другото Јовева.