Македонија утре го слави Илинден: Кој од политичарите каде ќе чествува?

од Nikola Popovski
279 прегледи

Под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, македонскиот државно политички врв го почнува честувањето на националниот празник 2-ри август Илинден и 120-годишнината од Илинденското востание.

На 1-ви август во 20:30 часот во Крушево, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани. На отворањето на НКС „Десет дена Крушевска Република“ ќе присуствува и ќе се обрати и претседателот на Владата, Димитар Ковачевски.

Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2- Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на Тврдината Кале во Скопје ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а високи владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот.

Во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат свежо цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Свечената манифестација во Скопје, продолжува на Тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето на свежо цвеќе пред споменикот на Слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи свежо цвеќе  на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9:00 часот.

Од 10:00 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на Владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која свечено ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки на одбележувањето на националниот и државен празник Илинден ќе предводи висока партиска делегација во Крушево.

Партиска делегација покрај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја сочинуваат потпретседателот Александар Николоски, потпретседателката Гордана Димитриевска Кочоска, потпретседателот Владо Мисајловски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски и координаторот на пратеничката група Никола Мицевски.

Слични содржини