Примерок од почва собран во 2019 година од Харвард Форест во близина на Бостон во САД ги запрепасти научниците затоа што во само грст почва пронајдоа серија вируси што никогаш претходно не ги виделе и изгледале малку страшно.
Неверојатно големи вируси со чудни форми беа пронајдени уште во 2019 година во Масачусетс, во шума во близина на Бостон и беа испратени на анализа во Институтот „Макс Планк“ во Германија. Научниците потоа го испитувале примерокот од почвата со помош на трансмисиона електронска микроскопија, процес кој ги зголемува предметите користејќи зрак од електрони.
Она што го откриле прилично ги изненадило. Примерокот од почвата бил полн со џиновски вируси широки до 635 нанометри.
Овие „џинови“ се помали од најголемиот вирус некогаш откриен, кој е широк 1.500 nm, но многу поголеми од вирусите со кои обично се среќаваат луѓето (COVID-19, на пример, е 50-140 nm).
„Преносната електронска микроскопија откри неверојатна разновидност на честички слични на вируси“, се вели во публикацијата на експертскиот труд.
Егзотични гигантски вируси
„Неверојатно, откривме дека неколку стотици грама шумска почва содржи повеќе разновидност од сите џиновски вируси изолирани досега заедно“, додаваат тие.
Според нив, еден од овие егзотични гигантски вируси имал големи екстремитети распоредени во симетричен образец, што истражувачите го опишале како морфологија на „желка“, додека другиот вирус имал намотани цевки кои излегуваат од сите страни, кои потсетуваат на медуза.
Соодветно, научниците ја нарекоа оваа структура „Горгон“ по сестрите од античката грчка митологија, а Медуза е една од нив.
Втората откриена категорија, наречена „фризура“, опишува семејство на големи вируси со неуредни глави од филаменти со различна должина (што личело на трол-кукла), додека џиновските вируси „супернова“ имаа густа сплетка на филаменти во близина на капсидната обвивка и дебел слој од редовно распоредени локни.
Вирусите „poinsettia“ имале двослојна обвивка што личи на два испреплетени триаголници, а вирусите „сокол“ биле со структура слична на клун.
„Овој фасцинантен прозорец во сложениот свет на вирусите на почвата не остава сомнеж дека големата генетска разновидност на џиновските вируси е усогласена со разновидни и претходно незамисливи структури на честички, чие потекло и функции остануваат да се проучат“, пишува микробиологот Матијас Фишер и биологот Џефри Бланшар во својата публикација.