Москва ја шири својата пропаганда со наклонетост на властите во Белград. Недостигот од одговор од Западот може да доведе до војна, пишува германскиот весник „Рајнише пост“.
„Русија во моментов е во дефанзива во Украина, но Кремљ има на располагање друго оружје за да го зголеми своето влијание ширум светот“, оценува весникот „Рајнише пост“, цитиран од „Дојче веле“.
Авторот Мартин Кеслер пишува дека рускиот претседател Владимир Путин на дипломатската сцена со сите сили се обидува да ги придобие земјите кои јасно не се изјасниле во украинската војна и дека „московската медиумска машина со полна брзина ја шири пропагандата“.
Како што се наведува, пример за тоа е Србија, кандидат за членство во ЕУ.
„Се интензивираа и трговските текови со Западот. Добри 60 отсто од надворешно-трговските активности на Србија се одвиваат со земјите од Европската унија. Две третини од сите странски инвестиции доаѓаат од Западна Европа. За само две децении, Брисел ѝ префрли на Србија околу три милијарди евра државна помош, најмногу од германската каса“, пишува „Рајнише пост“.
„Вучиќ го гледа Путин како пример“
Но, колку и да се грижи Западот за Србија, „нејзиниот претседател Александар Вучиќ води нетранспарентна политика меѓу традиционалниот сојузник Русија и ЕУ и САД – тој се чувствува идеолошки поврзан со Путин“, оценува авторот. „Тој ги споделува неговите големи амбиции и соништа за големата српска империја“.
„Вучиќ го гледа Путин како пример“, го цитира Кеслер германскиот новинар Томас Бреј, кој, како што е наведено, известува од регионот за германската новинска агенција dpa повеќе од 40 години, а сега направил и студија за влијанието на руските медиуми во Србија.
Според таа студија, наведува германскиот весник, медиумите во Србија под контрола на Вучиќ се целосно во канџите на руската пропаганда, која е поттикната од агенциите како „Спутник Србија“ и „РТ Балкан“ (поранешна „Раша тудеј“).
„Пред сè, телевизијата – четири национални, приватни ТВ станици, како и државната телевизија РТС – речиси без исклучок го шират рускиот став кога станува збор за конфликтот во Украина, но и за економските и геополитичките спорови меѓу Москва и Запад. Од овие извори редовно се информираат две третини од населението во Србија. А најтиражните дневни весници и онлајн портали, кои со неколку исклучоци се блиски политички пријатели на претседателот на Србија, исто така ги оценуваат светските политички настани од гледна точка на Кремљ“, пишува „Рајнише пост“ и ја пренесува оценката на новинарот Томас Бреј: „Известувањето е агресивно антизападно и речиси исклучиво ги зазема ставовите на Русија и Кина“.