Соочени со ризикот од ширење на африканска чума од која заболуваат свињите, фармерите апелираат да се заострат мерките за превенција.
Иако според Агенцијата за храна и ветеринарство во Македонија има само изолирани случаи на заболени свињи и тоа во мали одгледувалишта со по неколку товеници, одгледувачите на свињи ситуацијата ја оценуваат како високо ризична.
Во разговор за „Локално“, велат дека се соочени со тешка борба за одржување на производството на свинско месо.
Ризикот од појава и ширење на африканската чума и кај нас е доста голем. Правиме се што е во наша моќ да не дојде до ширење на болеста но ниту една фарма не е безбедна, сите се засегнати бидејќи имаме вектори на ширење што не можеме да ги контролираме, како што се глодарите, птиците, дивите свињи. Проблем се малите, приватни штали каде свињите се пуштени слободно да се шетаат во дворовите. Освен кампања за превентивно делување, државата треба да наметне обврска сите сточари строго да ги почитуваат и спроведуваат биосигурносните мерки. Во моментов на сила е решение за забрането одгледување свињи на отворено, но нема контрола врз индивидуалнте лица кои не ги спроведуваат задолжитените бзбедносни мерки. Постои голема можност некоја селска штала со заболена свиња, да го загрози па и уништи вкупното производство на свинско месо во државата. Кога е вонредна ситуација треба максимално да се вложат сите ресурси бидејќи болеста е тука, вели во изјава за „Локално“, еден од поголемите производители на свежо свинско месо во Македонија.
Африканската чума е опасна болест која е веќе раширена во голем број земји. Вакцина не постои и единствена начин за справување со веќе заразените животни е 100 % ништење на стадото. Болеста не е опасна за луѓето, ниту пак производите од свињи се штетни за човекот но и покрај тоа, африканската чума претставува сериозна закана за економијата во државата, вели за „Локално“, професорот Владо Вуковиќ од Факултетот за земјоделски науки.
Сегашниот статус на болеста во нашата земја е многу загрижувачки заради неконтролираното ширење на болеста во дивата популација и одгледувалишта на домашни свињи без соодветна биосигурност. Сакам да укажам, дека понатамошно неконтролирано ширење на оваа болест во Република Северна Македонија, ќе генерира глобални штети од околу 180 милиони евра годишно и губиток на околу 11.000 работни места. Доколку се случи колапс на македонското свињарство заради понатамошното ширење на болеста, многу се мали шансите за повторно обновување на овој сточарски под-сектор до денешното ниво. Со тоа оваа национална придобивка и значаен социо-економски дел на македонскиот земјоделско-прехрамбен сектор би била девастирана, објаснува Вуковиќ.
Освен сериозните финансиски загуби кои би ги претрпеле одгледувачите, месопроизводителите и земјоделците, не се исклучуваат негативни ефекти врз цената на свинското месо.
Кај нас производството е поделено, 70 % е фармерско, 30% е во домашни штали. Кај нас главен носител се шесте свињарски фарми и секоја од нив покрива 10-15 % од производството. Ако не дај бож,е болеста влезе во било која од големите фарми во државата, ќе имаме намалување на домашното производство. Цената е берзанска и зависи од состојбите на пазарите во Европа и во Србија. Ако болеста го уништи домашното производство, ќе се носи свежо увозно месо кое секако ќе биде поскапо од домашното.Никој не може да предвиди во кој правец би се движеле работите, додава еден од фармерите.
Според одгледувачите на свињи, Македонија во последниве 10-тина години бележи нагорен тренд во производството, 100 % се задоволуваат потребите од свежо свинско месо а во моменти кога се произведуваат вишоци, одредени количини се пласираат во месната индустрија за производство на месни преработки. Извоз на свинско месо се прави кон Србија и Албанија, но не и во земјите од ЕУ.
Африканската чума е вирусно заболување кај домашните и дивите свињи кое не се лекува. Според последното решение на Агенцијата за храна и ветеринарство за контролни и заштитни мерки во однос на болеста , чумата е потврдена во две одгледувалишта во Трново, Крива Паланка. Заштитена зона е утврдена околу потврдените жаришта во селата Петралица,Нов и Стар Иственик, Трново, Мала Црцорија и Киселица, а под надзор се ставени уште неколку населени места во општините Крива Паланка, Ранковце, Кратово, Пехчево, Берово и Делчево.
Битка против африканската куга се води во речиси сите змеји од регионот.Во Србија евтаназирани се околу 20 000 свињи, во Хрватска 5000 а во БиХ околу 13 000 свињи.
К.В.С.