Претседателите на медитеранските земји бараат акција против климатската криза

од Stefanija Kuzmanovska
240 прегледи

Претседателите на шест медитерански земји денеска во заедничка изјава побараа да се преземат итни чекори за решавање на „климатската криза“ откако големи делови од Европа беа погодени од големи топлотни бранови, шумски пожари и поплави.

„Екстремните природни феномени го уништуваат екосистемот и го загрозуваат нашиот секојдневен живот, нашиот начин на живот“, се вели во соопштението потпишано од претседателите на Италија – Серџо Матарела, Грција – Катерина Сакеларополу, Хрватска – Зоран Милановиќ, Словенија – Наташа Пирц Мусар, Малта – Јоргос Веља и Португалија – Марсело Ребело де Соуза.

Се нагласува дека „нема повеќе време за губење“, ниту за „компромис од политички или економски причини“ и се додава дека особено медитеранскиот регион е изложен на ризици од недостиг на вода, пренесува „Ројтерс“.

„Сите медитерански земји мора да се координираат, да реагираат и да се здружат во колективните напори за запирање и враќање на ефектите од климатската криза“, се додава во соопштението, наведува „Танјуг“.

Соопштението е објавено на иницијатива на Матарела и Сакеларополу по нивниот телефонски разговор.

Големи области на Медитеранот минатиот месец беа погодени од интензивен топлотен бран, а смртоносните пожари беснеат од Алжир до Турција.

Се стравува дека ваквите екстремни лета во Јужна Европа ќе ја оштетат туристичката индустрија, како и жетвата, кои се двата главни столба на економијата во регионот.

Слични содржини