Независниот синдикат на полицијата бара МВР да исплаќа надомест за прекувремената работа, а исто така обвинува дека се вршат прераспределување без да се внимава на постапката. За зголемувањето на платите, велат дека е недоволно.
Веќе не бараме почитување на законите од страна на Министерството, од денес бараме да се произнесат Министерот и Јавното обвинителство и да кажат кој ќе преземе одгворност и кој ќе одговара за незаконското работење на МВР сиве овие години, како и за штетите што се нанесени врз вработените од ваквото работење, истакна помошник генералниот секретар Мартин Ефремов.
Според него, втор суштински проблем во МВР што повторно се провлекува е проблемот со распоредувањето и унапредувањето на кадрите во Министерството.
Оваа состојва се повеќе наликува на 2016 година, кога на тогашниот Технички министер, а сегашен Министер му ги укажувавме сите овие работи и се додека ние сме надвор како репрезентативен синдикат, оваа држава ќе тоне почнувајќи од Министерството за надворешни работи завршувајќи со Министерството за внатрешни работи, изјави претседателот на синдикатот, Гоце Делчев Тодев на денешната прес конференција.
Од Независниот синдикат велат дека во МВР има вработено околу 11.500 вработени, а во последните пет години од страна на вработените против Министерството се покренати преку 16.000 судски постапки.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пред неколку дена најави дека од септември ќе има ново зголемување за 10% на платите во МВР, што ќе биде второ во оваа година.