Штетите од невремето и поплавите во Словенија надминуваат 500 милиони евра

од Nikola Popovski
263 прегледи

Словенија се соочува со најтешката природна катастрофа во поновата историја, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб по седницата на Владата, наведувајќи дека две третини од земјата е погодена од поплавите, а штетите се проценуваат на половина милијарда евра.

Штетата ќе надмине 500 милиони евра, изјави Голоб по првата проценка и најави законски измени и седница на Владата со цел што поскоро да се донесат интервентни закони.

Напорите повторно да се овозможи нормален живот ќе бидат големи, предупреди словенечкиот премиер, додавајќи дека штетите се најголеми на патната и енергетската инфраструктура, како и на стотици станбени згради, пренесуваат љубљанските медиуми.

Покажавме волја и одлука да дејствуваме обединето за да им помогнеме на граѓаните што е можно поскоро, рече Голоб.

Областа Чрна во Корушка се уште е отсечена од светот бидејќи се оштетени мостовите и патиштата, исклучени се струјата и водата, а нема телефонски врски.

Пожарникарите и армијата се уште се ангажирани во областа.

Во голем број населени места нема вода за пиење бидејќи се оштетени водоводните цевки, па приоритет на пожарникарите ќе биде обезбедување на цистерни со вода за пиење, јавуваат тамошните локални медиуми.

Слични содржини