Пред речиси еден месец беше покрената онлајн петиција со која се бара од компанијата Гугл да го признае Косово на своите платформи. Иницијативата на корисниците од албанска националност ја поддржа и косовската претседателка Вјоса Османи.
Драго ми е што се приклучив на иницијативата на „dua.com“, која го повикува Гугл да го вклучи Косово во сите свои услуги, порачала Османи во својата објава на Твитер, пренесува „Коссев“.
Тврди дека оваа одлука требало одамна да биде донесена.
Мало прилагодување за огромен скок во еднаквоста, пристапноста и инклузивноста, напишала косовската претседателка во објавата на Х.
Петицијата со која се повикува Гугл да го вклучи Косово во своите сервиси е објавена токму на оваа платформа, т.е. на профилот „dua.com“ кој го следат речиси 11.000 корисници.
Петицијата упатена до Гугл била покрената на 13 јули годинава на сајтот „Change.org“.
Политиката често создава дистанца меѓу земјите, но технологијата треба да ги зближи. Во случајот со Косово – спротивно е. И покрај тоа што САД ја признаа како земја во 2008 година, американската компанија Гугл сè уште не го признава Косово на своите платформи, како што се „Плејстор“, „Јутјуб“, „Гугл адс“ итн. Конечно, се испраќа повик до корисниците за да се обезбеди поддршка. Ајде сега да го додадеме Косово на сите производи на Гугл, бидејќи тоа е независна земја повеќе од 15 години, стои во петицијата.
Досега се потпишале нешто повеќе од 13.000 луѓе.