Шефот на Комисијата за надворешна политика при украинската Рада, Олександр Мережко изјавил дека одлуката дали Украина ќе ја признае независноста на Косово му припаѓа на Володимир Зеленски.
Тој за РТК изјавил дека пред да се донесе ваква одлука, мора да се одмерат плусовите и минусите да се земат предвид политичките последици.
Дали Украина ќе го признае Косово по завршувањето на војната, Мережко вели дека засега е тешко да се каже, но е оптимист дека тоа може да се случи.
Според него, многу прашања кои изгледаат проблематични или контроверзни во Украина имаат тенденција да се одложат до крајот на војната.
Сега сме загрижени за нашиот опстанок, се бориме против многу моќен непријател и затоа имаме тенденција да одложиме некои тешки и комплицирани прашања, но во исто време, повторно зборувам од политичка гледна точка. Се гледа дека нашите сојузници кои ни помогнаа да преживееме, го поддржуваат Косово и веќе го признаа Косово и тоа е еден од аргументите во корист на признавањето, рекол Мережко.
Додал дека оваа одлука многу ќе зависи од политиката на ЕУ.
Украина е кандидат за влез во ЕУ, ние исто така треба да ја координираме надворешната политика со ЕУ. Многу ќе зависи од односот на ЕУ кон Косово, заклучил тој.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ пред неколку дена изјави дека Украина со признавањето на Косово ќе изгуби сѐ во еден момент.
Како тогаш можат да кажат дека се придржуваат до меѓународното право, прашал Вучиќ.