Владина делегација оддаде почит на загинатите бранители кај Љуботенски бачила

од Nikola Popovski
213 прегледи

По повод 22 годишнината од трагичното загинување на осумтемина бранители и припадници на Армијата кај месноста Љуботенски бачила, владина делегација предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Драган Василевски, денеска положи свежо цвеќе пред спомен плочата на загинатите бранители во касарната Илинден во Скопје.

Во чест на загинатите припадници на Армијата, свежо цвеќе во касарната Илинден положи и делегација на Министерството за одбрана, предводена од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во состав со началникот на Генералштаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски и полковник Новица Стојановски.

Владина делегација, предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Драган Василевски положи свежо цвеќе и оддаде почит и пред спомен обележјето на загинатите бранители кај Љуботенски бачила, каде свежо цвеќе положи и делегација на Министерството за одбрана, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.

Свежо цвеќе беше положено и пред спомен обележјето на загинатиот бранител Томислав Настевски во Општина Ѓорче Петров и пред спомен обележјето во Волково, каде почит оддадоа владината делегација, предводена од советникот за одбрана на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Драган Василевски и делегацијата на Министерството за одбрана предводена од началник на Генералштаб на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.

На низата одбележувања на овој настан, почит оддадоа бројни делегации, меѓу кои делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, претставници на локалната самоуправа, делегации на политички партии, како и членови на семејствата на загинатите бранители.

На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски бачила при активирање на мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски.

Слични содржини