Во рамки на одбележувањето на 22-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, по втор пат ја организира Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ со над 80 учесници.
Преку „Peace Forum Dialogue“ на младите им се дава можност да стекнат знаења за функционирањето на политичкиот систем во земјата, спроведувањето на политиките кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, унапредувањето на меѓуетничките односи, управувањето со конфликти, градење мир, социјална кохезија, консензуална демократија, интеграција, градење мир и соживот меѓу етничките заедници и интеграција на граѓаните во јавниот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
На првиот ден кога беше отворен „Peace Forum Dialogue“, заменик министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Џабир Доко истакна дека школата за млади лидери нуди исклучителни можности да се збогатат со нови знаења од најдобрите експерти во земјата и регионот.
„Благодарам на сите што се одваживте и аплицирајќи на јавниот повик на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците добивте можност да бидете дел од второто издание на летната ,Школа за млади лидери. Како млад човек кој обавува јавна функција и долгогодишен општествено активен поединец ме радува што последните години сѐ повеќе млади добиваат можност да бидат дел од клучните процеси во општеството, бидејќи верувам дека младите имаат визија, енергија и потенцијал кои можат да носат позитивни промени и прогрес во сите области. Затоа ве охрабрувам секогаш да бидете отворени кон нови предизвици и да бидете движечката сила на нашето општество. Школата за млади лидери нуди извонредна можност за збогатување со нови знаења од врвни експерти, но исто така и создавање на нови познанства и пријателства, притоа особено важно е да се напомене дека меѓу учесниците имаме претставници од повеќе етнички заедници, што претставува вистинска додадена вредност. Затоа верувам дека ќе имате плоден и забавен викенд и на сите ви посакувам многу успех“, рече Доко во својот говор пред присутните.
Исто така, целта на Школата за млади лидери е стекнување нови знаења и подобрување на лидерските вештини за можности и придонес за иднината, во позитивниот развој на општеството.