Се повеќе членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ преку социјалните мрежи повикуваат на масовност на протестите на пензионерите. За најавениот протест во Скопје дури споделуваат и информации за организиран превоз од градовите од внатрешноста.
Партиската активистка Верица Анѓушева од Велес, чиј Фејсбук профил изобилува со фотографии од собири на ВМРО-ДПМНЕ, во групите на социјалните мрежи информира дека постои организиран превоз за велешките пензионери за денешниот протест во Скопје, а се поаѓа од градската автобуска станица. Таа бара нејзината објава да се сподели „за да допре до што повеќе велешки пензионери“. Сепак во нејзината објава не открива кој стои зад организираниот превоз.
Исто така, на протестите на дел од пензионерите во Битола најактивен е Антонио Димитровски и може да се забележи на речиси сите фотографии кои ги објавија локалните медиуми. Тој е во првите редови на протестите во градот, но се поставува прашањето за намерата на неговото учество, со оглед на фактот дека е татко на актуелниот секретар на Општина Битола, Борче Димитровски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Некокупати досега се покрена дилемата дали постои ли партиска позадина зад протестите на дел од пензионерите. Претходно, медиумите споделија фотографии од протестот во Прилеп, а на нив можеше да се забележи пензионерката Верче Јанческа. Таа неофицијално освен што е член на ВМРО-ДПМНЕ е и член на партиските структури, односно член на ветераните на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп. На нејзиниот фејсбук профил може да се забележат фотографии со претседателот на партијата Христијан Мицкоски, а воедно има и фотографии од партиски активности. Во меѓувреме, се јавува и како организатор на протестите на дел од пензионерите.
Протестите започнаа со барањето за линеарно покачување од 3.500 денари на пензиите, иако со новата методологија, актуелна методологија, пензионерите добија повисоки пензии за околу 21 отсто за само година и пол. Според Министерството за труд и социјална политика актуелната методологија за порамнување на пензиите обезбедувала историски најголем и континуиран раст на пензиите, а протестите не се решение. Со новата методологија во септември 2022 година порастот беше 6,8 отсто, во март оваа година 8,4 отсто и дека според моменталната проекција за септември 2023 година се најавува раст за најмалку 6 отсто.