Груби: Новата генерација мора да биде информирана за достигнувањата на земјата во последните децении

од Nikola Popovski
179 прегледи

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски придружуван од вицепремиерот Артан Груби на свечена церемонија им поделија сертификати на младите кои учествуваа на второто издание на Школата за млади лидери “Peace Forum Dialogue” што се одржа во Маврово, а беше организиранa по повод 22-годишнината од Охридскиот рамковен договор од страна на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Груби на присутните им порача дека во времето од потпишувањето на Охридскиот договор па се до денес, имаме генерација млади луѓе кои навистина не знаат многу за овој договор, за државата од пред неколку години и достигнувањата кои дојдоа преку овој договор, така што оваа генерација на 22-годишници, но и постари, треба да биде информирана за овој процес.

„Ќе бидам пократок во мојот говор, бидејќи денеска сме тука да им честитаме и да им се заблагодариме на сите учесници на Школата за млади лидери. Целосно се согласувам со тоа што го кажа премиерот и немам што повеќе да додадам. Ќе се фокусирам на можеби најважната точка што ја имавме во ова издание на “Peace Forum Dialogue“, онаа на учење и предавање за вистинските вредности на политиките на соработка, европските и проамериканските политики, како загарантиран успех за подобра иднина. Зошто да се третира Охридскиот договор? Затоа што во времето од неговото потпишување до денес, имаме генерација млади луѓе кои навистина веројатно не знаат многу за овој договор, за државата пред неколку години и за достигнувањата кои дојдоа преку овој договор, така што оваа генерација на 22 годишници, но и повозрасни, мора да бидат информирани за овој процес. Затоа, свечено го одбележавме “Peace Forum Dialogue“ како и “Peace Festival“, за да ги пренесеме соодветните вредности на демократијата, за да не се повторат грешките од минатото, но да бидеме заедно за подобра иднина. Вториот концепт на овој настан е да информираме дека како што сите заедно станавме дел од НАТО, така не чека и интеграција во ЕУ. Ви благодарам на сите за учеството и се надевам дека ќе се видиме на следните настани“, рече Груби при доделувањето на сертификатите за младите лидери.

Слични содржини