Република Северна Македонија е меѓу првите 40 од 163 земји на листата на Глобалниот индекс за мир 2023 – исклучителен скок од 94. место во 2016 на 38. место во 2023, наведе министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Истакна дека во изминативе 6 години, откако го преземал раководењето со МВР, тргнувајќи од премисата дека нужното менување на МВР мора да биде втемелено на реални проценки, капацитети и можности, посветено работеле како ресор на спроведување на квалитетни реформи со цел да ги поттикнат и поддржат севкупните промени на безбедносниот сектор во државата.
Тој чекор, вели во објавата, го направивме без нималку колебливост, со цврста решеност да се етаблираат принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на општеството и како гарант за развојот на правната држава.
Со низа суштествени, реформски и програмски зафати во рамки на Министерството за внатрешни работи што ги реализиравме изминативе години – подобрени услови за работа со 80 реконструирани објекти, покачени плати и исплатени бонус плати, опремена полиција во служба на поголема безбедност на граѓаните – бездруго заземаат значајно место во напорите за квалитативно унапредување на модерното полициско работење, а во насока на гарантирање на врвна безбедноста на сите наши граѓани, објави Спасовски на социјалните мрежи.