Премиерот Димитар Ковачевски се согласува со анализите и соопштенијата на министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во однос на законот и методологијата за пензиите. Тој потсети дека откако стана претседател на Владата се дојде до ново решение за зголемувањето на пензиите и за 1,5 година се дојде до 26% зголемување на пензиите.
Сега минималната пензија е 12,5 денари, а во септември ќе биде над 13 илјади. Се направи системско решение врз основа на швајцарски модел и овозможува двапати годишно покачување, согласно со растот на инфлацијата и растот на просечната плата. Околу линеарното зголемување, не може да се израмни некој што 15 години плаќал стаж на минимална плата и некој што 30 години плаќал стаж на поголем износ и да кажете сега дека тоа е исто, вели премиерот.
Според него, доколку дојде до реализација на барањето на пензионерите, би значело дополнителен трошок на Фондот за пензиско осигурување од 220 милиони евра, кој што не би можел да го издржи.
Почитувам секого, секој заслужува и повеќе и подобро, но никој не може да каже дека пензиите не се зголемија за 26% откако јас сум премиер. Се сеќавам на времиња кога пензионерите имаат пензии од 7,8 илјади денари, а пред избори им се зголемуваа за 570 денари. Тоа никој не го зборува, кажа Ковачевски.
Откако се организираа во неколку градови, пензионерите пред три дена од повеќе здруженија излегоа на протест во Скопје. Нивни барања се линеарно покачување на пензиите од 3500 денари, како и најниска пензија од 18.000 денари. Барањата лично и ги доставија и на министерката за труд и социјална, Тренчевска.
Пензионерите побараа и веднаш да се укине Сојузот на здруженија на пензионери. Како што истакнаа на протестот, Сојузот не ги застапува интересите на пензионерите и затоа побараа да се укине членарината од 30 денари и средствата за солидарен погреб од 150 денари месечно наместо во Сојузот да се плаќаат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.