Еквадор гласаше против дупчење нафта во Амазон

од Stefanija Kuzmanovska
229 прегледи

Граѓаните на Еквадор гласаа против дупчењето нафта во заштитеното подрачје на Амазон, голема одлука што ќе ја принуди државната нафтена компанија да ги прекине активностите во регионот, дом на две племиња и светски центар на биолошката разновидност.

Националниот парк Јасуни е населен со Тагаери и Тароменани, кои живеат во самоизолација.

Во 1989 година, УНЕСКО го прогласи за светски биосферен резерват.

Зафаќа површина од над еден милион хектари, може да се пофали со 610 видови птици, 139 видови водоземци и 121 вид влекачи. Најмалку три вида се ендемични, пишува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Со преброени над 90 отсто од гласачките ливчиња, околу шест од 10 Еквадорци го отфрлија истражувањето на нафта во блокот 43, лоциран во Јасуни.

Исходот претставува значителен удар за еквадорскиот претседател Гиљермо Лас, кој се залагаше за дупчење нафта, тврдејќи дека нејзините приходи се клучни за економијата на земјата.

Државната нафтена компанија Petroecuador ќе мора да го прекине своето работење во наредните месеци.

Референдумот се одржа во исто време со претседателските избори, за кои во вториот круг ќе се одлучува меѓу кандидатот на левицата Луиза Гонзалес и кандидатот на десницата Даниел Нобоа.

Земјата доживува политички превирања по атентатот на еден од кандидатите, Фернандо Виљависенсио.

Слични содржини