Николовски: Мелничарите да ги кажат аргументите за поскапувањето на лебот, купија суровина за 11, а не за 20 денари

од Radmila Tasevska
335 прегледи

Цените на житото годинава се преполовени. Мелничарите се снабдија со суровина по цена од 11 денари, а не по цена од 20 денари. Затоа, треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал поскапување на лебот на грбот на граѓаните, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Според Николовски, новите три мерки што ги донесе Владата на денешната седница и кои ќе се реализираат преку Интервентната програма, се насочени кон земјоделците зашто тие, како што напомена, се најпогодени.

-Мелничката индустрија оваа година се снабди со суровина која е преполовена и фер и коректно е да не се шпекулира и шпекулативно да не се создаваат цени. Ова е специфична година во која цената на житото на светските берзи беше преполовена, но и нашата мелничка индустрија се снабди со суровина која што е по цена од 11 денари, не по цена од 20 денари. Електричната енергија за разлика од минатата година исто така е стабилизиран пазарот и цените. Треба да одговорат кои се аргументите, зошто некој би барал покачување на цената на лебот на грбот на граѓаните кога мелничката индустрија се снабди со драстично поевтина суровина оваа година. И токму затоа нашата поддршка е со дополнителна поддршка на тие коишто го произведуваат житото, а тоа се земјоделците, потенцира министерот.

Според него, цените на светските берзи на житото оваа година се преполовени и затоа државната поддршка преку Интервентната програма, напомена, е насочена кон производителите.

-Ние и минатата година немавме поддршка од дополнителен еден, два или три денари за пченицата за откупот. Зошто? Затоа што цената откупна на пченицата беше и 20 и 22 денари зависно од квалитетот. Дури ни такво барање не беше воспоставено. Се сеќавам дека дури и тогаш немаше зголемување на цената на лебот, а камоли сега кога зборуваме за преполовени откупни цени на пченицата. Нашата цел е државната поддршка да ја насочиме кон оние што беа најпогодени. Тоа не е мелничката индустрија. Тоа се производителите и нашата цел е да го задржиме и стабилизираме домашното производство на пченица и на долг рок да станеме увозно независна, на среден и на долг рок, подвлече Николовски кој претходно ги објасни трите нови мерки за финансиска поддршка на производителите на пченица, семенски материјал и градинарски култури.

Новите три мерки што ги донесе Владата денеска се: три денари по килограм поддршка за остварено и предадено или складирано производство на пченица, за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен, како и поддршка за домат и краставица. 

Слични содржини