Норвешка одлучи да донира борбени авиони Ф-16 на Украина за нејзината борба против руската инвазија, објави во четвртокот норвешката телевизија ТВ2, повикувајќи се на неименувани извори.
ТВ2 не објави колку авиони Норвешка ќе му даде на Киев.
Норвешкото министерство за одбрана сè уште не одговорило на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Доколку веста биде потврдена, Норвешка ќе биде третата земја која ќе донира американски борбени авиони Ф-16 на Украина, заедно со Данска и Холандија.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Штоере се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во четвртокот во Киев и најави донации на противвоздушни ракети и друга опрема, но не кажа ништо за авионите Ф-16.
Норвешките воздухопловни сили минатата година „пензионираа“ флота од 57 авиони Ф-16. Норвешка се согласи да продаде 32 од тие авиони на членката на НАТО, Романија, што според Штоере е конечен договор.
Дванаесет авиони Ф-16 треба да се продадат на приватна компанија ангажирана во обука на американското воено воздухопловство, но тој план сè уште не добил конечно одобрение и некои аналитичари сметаат дека овие авиони би можеле да бидат донирани на Украина.
Норвешкото министерство за одбрана минатата година соопшти дека преостанатите 13 авиони се прескапи или премногу тешки за поправка и дека може да се стават во музеј, да се користат за резервни делови или да завршат во отпад за да се рециклираат.
Норвешка го замени својот авион Ф-16 со моделот Ф-35.