Од новата академска 2023/2024 година повторно ќе функционира Лекторатот по македонски јазик при Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана.
Веста ја соопшти претседателот на македонското друштво „Илинден”-Тирана, Никола Ѓурѓај.
– Ова е историски ден за нас Македонците во Република Албанија. Чувствувам огромна радост и задоволство да информирам дека добивме позитивен одговор на барањето поднесено од Македонското друштво „Илинден“-Тирана за повторно активирање на лекторатот по македонски јазик на Факултетот за странски јазици на Универзитетот во Тирана, рече Ѓурѓај за МИА.
Во одговорот на барањето потпишан од деканката Есмералда Кромида се наведува дека Факултетот во својата дејност позитивно го оценува вклучувањето на јазиците од регионот вклучувајќи го и македонскиот.
– Во тие рамки г. Ѓурѓај ве информираме дека е донесена одлука за повторно отворање на лекторатот по македонски јазик од оваа академска година. Тоа по барање на вашето друштво и комуникацијата со колегите од Универзитетот Свети Кирил и Методија”-Скопје. Од институционален поглед преземени се сите неопходни активности, стои во одговорот.
Лекторатот, кој функционираше до пред десетина години, според Ѓурѓај, имал по 30 студенти, а интересот бил многу поголем.
-Очекуваме голема заинтересираност и сега. Велам дека ова е од големо значење за Македонците во Албанија и во исто време е корисно за албанското општество да се запознае со македонскиот јазик, литература и култура, оценува тој.
Според него, овој лекторат би бил клучен за унапредување на културните врски меѓу двата народа и двете држави, за развивање на добрососедските односи и за градење нови мостови на соработка меѓу македонската и албанската академска научна средина.
Изразува голема благодарност до Унверзитотот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, поддршката од директорката Весна Мојсова – Чепишевска, како и до деканката на Факултетот за странски јазици Есмералда Кромида.