На следната седница пред Советот на Град Скопје, ќе се најдат неколку круцијални инфраструктурни проекти кои се од исклучително значење за скопјани и кои значително ќе го подобрат животниот стандард на граѓаните на Скопје во неколку населби ширум градот, најавуваат од Град Скопје и велат дека проектите се на иницијатива на градоначалничката Данела Арсовска.
-Скопје мора рамномерно да се развива, не смееме да имаме заборавени населби и токму овие проекти се дел од ветувањето на градоначалничката Арсовска за вложување во сите делови од градот. Граѓаните во населба Момин Поток ќе возат по реконструирана улица која во моментов е во руинирана состојба, а се работи за улицата „Калош Дани“ која е значајна сообраќајница во овој дел на градот, улица по која се движат голем број на граѓани, велат од Градот.
Граѓаните на општина Карпош, додаваат, ќе добијат две нови улици во населбата Криви дол.
-Новопланираните улици „1“ и „4“ ќе се градат како резултат на изградбата на кружниот тек и клучката кај Момин Поток, каде е предвидено да се воведе нов сообраќаен режим чија потреба произлегува од изградбата на два нови моста.
Забрзано работиме и на реализација на програмата „За модерно Скопје“ и исполнување на ветувањата пред граѓаните. Во општина Карпош започнуваме со изградба на четврт мега парк во Скопје, проект кој треба да го уреди постојниот девастиран простор покрај Вардар. Скопјани заслужуваат повеќе зеленило и хумани услови за живеење. Предвидена е изведба на големи зелени површни, пешачки патеки, спортски игралишта и дополнителни рекреативни содржини, посочуваат од Градот.
Потсетуваат дека претходните градски администрации 30 години заборавија на граѓаните на Чучер Сандево.
-Градоначалничката Арсовска пред советниците на гласање го предлага проектот за реконструкција на водоводната и фекална мрежа во општина Чучер Сандево, како и санација на улици во населените места Кучевишка Бара и Бел Камен. Со ова го реализираме барањето на жителите на општина Чучер Сандево кои со години беа заборавени од градските власти, порачуваат од Град Скопје.