Mercedes го откри дизајнот на новите станици за полнење што веќе почна да ги гради. Тие се отвораат веќе оваа есен, а познати се и локациите. Покрај станиците за полнење во кинескиот град Ченгду и Атланта во САД, Mercedes потврди дека една ќе биде отворена и во Манхајм, Германија.
Во Мерцедес најавуваат висок луксуз на станиците, а во понудата покрај полначи ќе има и простор за одмор, како и соодветни санитарни јазли. Полначите ќе можат да ги користат и сопствениците на електрични возила од други марки, но корисниците на Mercedes ќе имаат дополнителни привилегии, како резервација на полнач и проверка на статусот на полначите во близина, пишува „Index“.
Вградените полначи нудат моќност за полнење до 400 kW, опциите се CCS1, CCS2, NACS и GB/T. До 2030 година Mercedes планира да изгради 2.000 станици со околу 10.000 полначи.
„Нашата цел е да создадеме инфраструктура која на електричните возила им нуди сигурни и лесни опции за полнење“, рече Франц Рајнер, извршен директор на Mercedes-Benz Mobility AG.
„На овој начин, ние активно ја поддржуваме трансформацијата во електрична мобилност. Со мрежата за полнење со висока моќност на Mercedes-Benz, ги прошируваме глобалните опции за полнење и поставуваме нови стандарди за полнење на електрични возила“, додаде тој.