Фронтменот на групата „Рамштајн“ ослободен од сите обвиненија за сексуална злоупотреба

од Stefanija Kuzmanovska
341 прегледи

Обвинителството во Берлин ја прекина истрагата против фронтменот на бендот „Рамштајн“, Тил Линдеман, кој неколку жени го обвинија за сексуална злоупотреба.

Тил Линдеман беше обвинет за силување од неколку жени, кои велат дека тој ги поканил на забави по концертите каде што ги дрогирал, а потоа сексуално ги нападнал.

Истрагата за случајот на Линдеман започна во јуни, а сега е прекината поради недостиг на соодветни докази.

Имено, во вторникот државното обвинителство во Берлин се откажало од понатамошното спроведување на акцијата, бидејќи не успеале да соберат докази за поткрепа на силните обвинувања против популарниот пејач, пренесува „Гардијан“.

Да потсетиме, серијата обвинувања против Тил Линдеман започна откако на крајот на мај годинава Шелби Лин објави дека Алена Макеева, која се претставила како кастинг директорка, ја поканила во ВИП делот на концерт на „Рамштајн“ во Литванија. Таа тврди дека по концертот ја однела зад сцената, каде Линдеман ѝ пришол и ја прашал дали сака да имаат секс. Тој реагирал луто откако таа го одбила. Шелби изјавила и дека се чувствувала дрогирана откако го конзумирала пијалокот, но подоцна објавила дека тестот за урина не покажал знаци на интоксикација.

„Би сакала да појаснам. Тил не ме допре. Тој прифати дека не сакам да имам секс со него. Никогаш не тврдев дека ме силувал“, напиша Шелби Лин подоцна.

По нејзината приказна, која ја објави во јавноста, се јавија уште неколку жени кои го обвинија фронтменот на „Рамштајн“ за сексуална злоупотреба. Една од нив, која се претстави како Каја Р, рече дека во 2019 година некој ја поканил на забава по концертот на „Рамштајн“ во Виена. Таа рече дека пиела многу и се онесвестила. Изјавила дека го видела Линдеман врз неа кога се разбудила и сфатила дека тој ја силувал.

Покрај отфрлањето на обвиненијата против Линдеман, прекината е и истрагата против поранешната членка на менаџментот на „Рамштајн“, Алена Макеева, која наводно канела девојки на „афтер забави“ и ги доведувала во контакт со пејачот. Ниту за тоа немало доволно докази.

Слични содржини