Турскиот претседател Реџеп Таjип Ердоган денеска најави дека ќе разговара за обновувањето на договорот за жито со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, за време на Генералното собрание на Светската организација кон крајот на месецов.
Ердоган рече дека е во близок контакт со Обединетите нации во врска со заживувањето на иницијативата за извоз на украинско жито преку Црното Море.
„Би сакал да повторам дека ги цениме и поддржуваме напорите на генералниот секретар Гутереш“, додаде Ердоган во разговор со новинарите доцна синоќа во претседателскиот авион додека се враќаше од посетата на Русија.
Турскиот претседател изрази уверување дека наскоро ќе биде постигнат „добар резултат“ за заживување на Црноморскиот договор за жито, што ќе ги исполни неопходните очекувања, јави агенцијата Анадолија.
„Ревитализацијата на иницијативата е приоритет за целиот свет. Ние сме во близок контакт со ОН за ова прашање“, рече Ердоган.