Ивона Талевска е реизбрана за претседател на Македонската асоцијација на новинари

од Radmila Tasevska
294 прегледи

Македонската асоцијација на новинари (МАН) денеска 05.09.2023 година, го одржа изборното Собрание, на кое Ивона Талевска беше реизбрана за Претседател, за потпретседатели избрани се Цветин Чилиманов и Матеја Петровски, а за генерален секретар Драган Павловиќ Латас.

На покана на Талевска, специјален гостин на изборното Собрание беше и заменик генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) Тим Даусон, кој дојде од Лондон, како и доскорешниот претседател на УНС и главен уредник на свиркачтата платформа Пиштаљка, Владимир Радомировиќ.

Генералниот секретар на ИФЈ Тим Даусон во својот говор истакна дека се радува во тек е процесот на прием на МАН како полноправна членка на ИФЈ. Тој посочи дека преку членството во ИФЈ може да се слушне гласот на новинарите во Македонија, кои очигледно се наоѓаат во тешка состојба.

-Верувајте дека вашето членство во ИФЈ нема да биде тешко како што беше влегувањето во НАТО и процесот за започнување преговори со ЕУ, добредојдени сте. Известен сум за состојбата во Македонија, и за проблемите и за притисоците, состојбата очигледно е тешка. Еден од начините да се справите со оваа ситуација е вашиот глас да биде слушнат и надвор, посочи Даусон.

На истата тема, Владимир Радомировиќ посочи дека состојбата во Србија со факт- чекерите е иста како и во Македонија и дека речиси на сите балкански земји им е потребно гласот да биде слушнат и надвор.

Тој посочи дека со МАН има одлична соработка во изминатиот период на повеќе проекти, меѓу кои беше и обезбедувањето вакцини за новинарите од Македонија. Радомировиќ најави дека македонските новинари секогаш ќе ја имаат неговата поддршка во сите натамошни активности преку МАН.

Свои телеграми со поддршка за работата на МАН испратија и пријателските здруженија од Бугарија, Грција, Република Српска, а претседателката на МАН најави и нова соработка со здруженијата од Албанија и Црна Гора.

Слични содржини